Resmi Gazetede Yayınlanan Yeni Yasa:
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
МИНИСТЕРСТВО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ
ЗАКОН ЗА ДРЖАВЈАНСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
(НЕОФИЦИЈАЛЕН ПРЕЧИСТЕН ТЕКСТ)
Скопје, јануари 2017 година
Пречистениот текст на Законот за државјанството на Република Македонија ги опфаќа: Законот за државјанството на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 67/92), Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 8/04), Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 98/08), Законот за изменување на Законот за државјанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ број 158/11) и Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 55/16) во кои е означено времето на нивното влегување во сила.
ЗАКОН
ЗА ДРЖАВЈАНСТВОТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
(ПРЕЧИСТЕН ТЕКСТ)
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
(1) Со овој закон се уредуваат начинот и условите за стекнување и престанување на државјанството на Република Македонија, утврдување на државјанството, надлежниот државен орган за решавање на овие случаи, докажување на државјанството и водење на евиденција на државјаните на Република Македонија.
(2) Државјанството е правна врска меѓу лицата и државата и не го означува етничкото потекло на лицата.
Член 2
(1)Државјанин на Република Македонија може да има и државјанство на друга држава.
(2) Државјанин на Република Македонија кој има државјанство на друга држава, во Република Македонија се смета исклучиво за државјанин на Република Македонија, ако со меѓународен договор не е поинаку определено.
II. СТЕКНУВАЊЕ НА ДРЖАВЈАНСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Член 3
Државјанството на Република Македонија се стекнува со:
1) потекло,
2) раѓање на територијата на Република Македонија,
3) природување и
4) меѓународни договори.
- Со потекло
Член 4
(1) Со потекло стекнува државјанство на Република Македонија дете на кое:
1) во моментот на раѓањето двата родители се државјани на Република Македонија;
2) во моментот на раѓањето едниот родител е државјанин на Република Македонија, а детето е родено во Република Македонија, доколку родителите спогодбено не определат детето да го добие државјанството на другиот родител и
3) во моментот на раѓањето едниот родител е државјанин на Република Македонија, а другиот родител е непознат или со непознато државјанство, односно без државјанство, а детето е родено во странство.
(2) Државјанство на Република Македонија со потекло стекнува и посвоеник при потполно посвојување на кој двата или едниот посвоител е државјанин на Република Македонија.
Член 5
(1) Дете родено во странство на кое едниот родител во моментот на раѓањето е државјанин на Република Македонија, а другиот странски државјанин, со потекло стекнува државјанство на Република Македонија ако до наполнети 18 години живот биде пријавено за запишување како државјанин на Република Македонија или ако до наполнети 18 години живот постојано се насели во Република Македонија со родителот кој е државјанин на Република Македонија. Во случај на судски спор за доделување на дете, државјанството се стекнува по правосилноста на судската одлука.
(2) Под условите од став 1 на овој член државјанство на Република Македонија може да стекне и лице кое не е пријавено од двајцата родители, со наполнети 18 години живот, ако поднесе пријава за упис во државјанство на Република Македонија до навршени 23 години живот.
(3) Пријавата од ставовите 1 и 2 на овој член се поднесува до органот надлежен за водење на матичните книги во кои се врши дополнителен упис на раѓањето на детето или до дипломатско-конзуларното претставништво на Република Македонија во странство.
(4) Детето кое стекнува државјанство на Република Македонија во смисла на член 4 од овој закон и ставовите 1 и 2 на овој член се смета за државјанин на Република Македонија од моментот на раѓање.
Со раѓање на територијата на Република Македонија
Член 6
(1) Државјанство на Република Македонија стекнува дете кое е најдено или родено на територијата на Република Македонија на кое родителите му се непознати, или се со непознато државјанство или се без државјанство.
(2) На детето од став 1 на овој член ќе му престане државјанството на Република Македонија ако до наполнети 15 години живот се утврди дека родителите му се странски државјани и доколку детето нема да остане без државјанство.
Со природување
Член 7
(1) Државјанство на Република Македонија со природување може да стекне странец кој лично поднел барање за прием во државјанство на Република Македонија, ако ги исполнува следниве услови:
1) да наполнил 18 години живот;
2) до поднесувањето на барањето законски и постојано да живее на територијата на Република Македонија најмалку осум години;
3) да има обезбедено стан и постојан извор на средства за егзистенција во висина која овозможува материјална и социјална сигурност под услови утврдени со закон;
4) во Република Македонија и во државата чиј државјанин е да не бил казнуван со казна затвор во траење од најмалку една година, за дела за кои се гони по службена должност и кои се казниви според прописите во Република Македонија,
5) против него да не се води кривична постапка во Република Македонија и во државата чиј државјанин е;
6) да го владее македонскиот јазик до тој степен да може лесно да се разбере со околината;
7) да не е изречена мерка забрана за престој во Република Македонија;
8) неговиот прием во државјанство на Република Македонија да не ја загрозува безбедноста и одбраната на Република Македонија;
9) да потпише заклетва дека ќе биде лојален граѓанин на Република Македонија и
10) да има отпуст од досегашното државјанство или да докаже дека ќе го добие ако биде примен во државјанство на Република Македонија.
(2) Исполнувањето на условот од став 1 точка 6 на овој член ќе го утврди посебна комисија формирана од Владата на Република Македонија.
(3) Условот од став 1 точка 10 на овој член ќе се смета дека е исполнет ако странецот докаже дека е без државјанство или ако докаже дека државјанството според законот на неговата држава ќе го изгуби со самото природување во државјанството на Република Македонија.
(4) По исклучок од став 3 на овој член, ако странската држава не дава отпуст или за отпуст од државјанство поставува такви услови кои странецот не е возможно да ги исполни, а притоа да не се создадат егзистенцијални или безбедносни проблеми за него и семејството, тој ќе биде примен во државјанство на Република Македонија ако даде изјава дека се откажува од странското државјанство.
(5) Во решението со кое се одбива барањето за стекнување на државјанство на Република Македонија со природување според став 1 точка 8 на овој член, органот ќе ги образложи причините заради кои го донел решението, а при тоа водејќи сметка за заштита на јавниот интерес.
(6) Овластеното службеното лице од Министерството за внатрешни работи кое ја води постапката е должно во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето од ставот 1 на овој член по службена должност да ги побара доказите и податоците кои се потребни за докажување на исполнетоста на условите од ставот 1 точките 1), 2), 6), 7) и 8) на овој член.
(7) Овластено службено лице од надлежниот јавен орган од кој се побарани доказите и податоците од ставот 6 на овој член е должно да ги достави бараните докази и податоци во рок од 90 дена од денот на приемот на барањето.
Член 7-а
Државјанство на Република Македонија со природување може да стекне лице без државјанство или со признат статус на бегалец, ако од утврдувањето на без државјанството, односно признавањето на статус на бегалец до поднесувањето на барањето за прием во државјанство, законски и постојано живее на територијата на Република Македонија најмалку шест години, да не бил казнуван во Република Македонија со казна затвор во траење од најмалку една година, за дела за кои се гони по службена должност и кои се казниви според прописите во Република Македонија, против него да не се води кривична постапка во Република Македонија и ако ги исполнува условите од член 7 став 1 точка 1, 3 , 6, 7, 8 и 9 на овој закон.
Член 7-б
Содржината на заклетвата од член 7 став 1 точка 9 на овој закон гласи:
„Се колнам во честа дека ќе бидам лојален на државата Република Македонија и ќе ги почитувам Уставот и законите и ќе ги исполнувам должностите на државјанин на Република Македонија.“
Член 7-в
(1) На странец кој поднел барање за прием во државјанство на Република Македонија ќе му се издаде гаранција дека ќе биде примен во државјанство на Република Македонија доколку ги исполнува условите од член 7 став 1 точките од 1 до 9 на овој закон.
(2) Ако странецот од став 1 на овој член во рок од две години од денот на врачувањето на гаранцијата не поднесе доказ во смисла на член 7 став 1 точка 10 од овој закон, ќе се смета дека се откажел од своето барање.
(3) Гаранцијата од ставот 1 на овој член ја издава Министерството за внатрешни работи.
(4) Странецот има право да поднесе приговор против гаранцијата од ставот 1 на овој член до организациската единица во Министерството за внатрешни работи во чиј делокруг е издавање на гаранцијата во рок од 15 дена од денот на приемот на гаранцијата.
(5) По приговорот од ставот 4 на овој член одлучува раководителот на непосредно повисоката организациска единица во Министерството за внатрешни работи во чиј делокруг е да одлучува по приговорот во рок од 15 дена од денот на приемот на приговорот.
Член 8
(1) Иселеник од Република Македонија, како и негов потомок до прво колено, може со природување да стекне државјанство на Република Македонија иако не ги исполнува условите од член 7 став 1 точка 2 и 10 на овој закон.
(2) Иселеник, во смисла на овој закон, се смета граѓанин на Република Македонија кој се иселил од Република Македонија во друга држава, освен во матичната земја, без оглед на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Член 9
(1) Странец кој е во брак со државјанин на Република Македонија најмалку три години и до поднесувањето на барањето законски престојува најмалку една година не прекинато на територијата на Република Македонија може со природување да стекне државјанство на Република Македонија иако не ги исполнува условите од член 7 став 1 точка 2, 6 и 10 на овој закон.
(2) Странец кој е во брак со државјанин на Република Македонија најмалку осум години, кој законски и постојано живее во странство и со Република Македонија има цврста и ефективна поврзаност, може со природување да стекне државјанство на Република Македонија иако не ги исполнува условите од член 7 став 1 точки 2, 6 и 10 на овој закон.
Член 10
Барањето за прием во државјанство на Република Македонија во смисла на член 8 од овој закон ќе се одбие ако од престанувањето на државјанството на Република Македонија со отпуст или според меѓународен договор, па до поднесувањето на барањето за повторен прием во државјанство на Република Македонија, не поминало најмалку три години.
Член 11
(1) Странец кој ги исполнува условите од член 7 став 1 точки 1 и 8 на овој закон може со природување да стекне државјанство на Република Македонија ако тоа преставува особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес.
(2) Владата на Република Македонија со уредба ќе ги утврди критериумите за особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес за стекнување на државјанство во смисла на став 1 од овој член.
(3) Владата на Република Македонија дава мислење за постоење на особениот интерес во смисла на став 1 на овој член.
(4) Покрај странецот од став 1 на овој член со природување може да стекне државјанство на Република Македонија и неговиот брачен другар под услови од член 9 на овој закон.
Член 12
(1) Ако двата родители со природувањето стекнале државјанство на Република Македонија, државјанство на Република Македонија стекнува и нивното дете помало од 18 години.
(2) Ако со природување еден од родителите стекнал државјанство на Република Македонија, државјанство на Република Македонија стекнува и неговото дете помладо од 18 години ако тоа го бара овој родител, а детето живее во Република Македонија или ако тоа го бараат двата родители, без оглед каде живее детето.
(3) Во случај на потполно посвојување, ако со природување стекнал државјанство на Република Македонија барем еден од посвоителите, со природување стекнува државјанство на Република Македонија и посвоеникот кој нема наполнето 18 години живот и кој со посвоителот живее во Република Македонија.
(4) Ако детето наполнило 15 години живот за стекнување на државјанство на Република Македонија во смисла на ставовите 1, 2 и 3 на овој член потребна е и согласност на детето.
Член 13
Лицето со природување стекнува државјанство на Република Македонија со денот на врачувањето на решението за прием во државјанството на Република Македонија.
Член 14
(1) Решението за прием во државјанство на Република Македонија може да се поништи по врачувањето, ако се утврди дека странецот при поднесување на барањето за прием на државјанство со природување дал невистинити или неточни податоци, односно се користел со лажни исправи.
(2) Решението од став 1 се поништува во рокот предвиден за застареност на кривичното гонење за кривично дело од став 1 на овој член.
(3) Во случајот од став 1 на овој член се поништува и решението за прием во државјанство на Република Македонија на малолетните деца кои стекнале државјанство истовремено со нивните родители, согласно со одредбите на овој закон.
Член 15
Лицето на кое како малолетно му престанало државјанството на Република Македонија со отпуст, може повторно да го стекне ако до наполнети 25 години живот законски престојува најмалку три години непрекинато во Република Македонија и поднесе барање за повторно стекнување на државјанството на Република Македонија.
III. ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ДРЖАВЈАНСТВОТО
Член 16
Државјанство на Република Македонија престанува:
1) со отпуст и
2) според меѓународни договори
Член 17
(1) Државјанство на Република Македонија престанува со отпуст ако лицето кое поднесло лично барање за отпуст ги исполнува следниве услови:
1) да наполнило 18 години живот;
2) да ги намирило имотно-правните обврски спрема државните органи;
3) да ги регулирало имотно-правните и другите законски обврски од брачниот однос и од односот на родители и деца спрема лицата кои живеат во Република Македонија;
4) да достави доказ од надлежен орган дека не е поведена стечајна постапка, односно постапка за престанок на трговското друштво чиј основач или содружник е, односно за трговец поединец;
5) против него во Република Македонија да не се води кривична постапка поради кривично дело за кое се гони по службена должност или ако е осудено на казна затвор, казната да ја издржало и
6) ако има странско државјанство или да докажало дека ќе биде примено во странско државјанство.
(2) Надлежниот државен орган ќе го одбие барањето за отпуст од државјанство на Република Македонија и кога се исполнети условите од став 1 на овој член ако тоа го налагаат причините на заштитата на безбедноста и одбраната на Република Македонија или причините на реципроцитет или други причини од односот со странска држава.
(3) Во решението со кое се одбива барањето за отпуст од државјанство на Република Македонија во смисла на став 2 од овој член, органот ќе ги образложи причините заради кои го донел решението, а притоа водејќи сметка за заштитата на јавниот интерес.
(4)На лицето му престанува државјанството на Република Македонија со денот на врачувањето на решението за отпуст од државјанство на Република Македонија.
(5)Овластеното службено лице од Министерството за внатрешни работи кое ја води постапката е должно во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето од ставот 1 на овој член по службена должност да ги побара доказите и податоците кои се потребни за докажување на исполнетоста на условите од ставот 1 точките 1), 2), 3), 4) и 5) на овој член.
(6)Овластено службено лице од надлежниот јавен орган од кој се побарани доказите и податоците од ставот 5 на овој член е должно да ги достави бараните докази и податоци во рок од 90 дена од денот на приемот на барањето.
Член 18
(1) Решението за отпуст од државјанство на Република Македонија ќе се поништи ако лицето кое добило отпуст продолжи да живее во Република Македонија, односно се иселило во странство и во рок од една година од денот на врачувањето на решението за отпуст не стекне странско државјанство.
(2) Лицето кое добило отпуст од државјанство на Република Македонија, барањето за поништување на решението го доставува до дипломатско-конзуларното претставништво на Република Македонија во странство или до надлежниот државен орган во Република Македонија.
Член 19
(1) На дете до наполнети 18 години живот му престанува државјанство на Република Македонија на барање на двата родители на кои државјанството на Република Македонија им престанало со отпуст или ако државјанството на Република Македонија му престанало на тој начин на еден од родителите, а другиот родител со тоа се согласил.
(2) Ако родителите на детето живеат одвоено, на детето му престанува државјанство на Република Македонија со отпуст на барање на родителот со кого живее детето, односно на кого му е дадено на воспитување и чување, а кој и самиот поднел барање за отпуст од државјанство на Република Македонија или во случај кога родителот кај кого детето живее е странец. Во двата случаи потребна е согласност на другиот родител.
(3) Одредбите од ставовите 1 и 2 на овој член се однесуваат и на малолетниотпосвоеник.
(4) Ако другиот родител не се согласи со отпуст на детето од државјанство на Република Македонија, детето добива отпуст ако заради интересите на детето согласност за неговиот отпуст даде надлежниот орган за старателство.
(5) Ако детето наполнило 15 години живот за престанок на државјанството во смисла на ставовите 1, 2 и 3 на овој член потребна е и согласност на детето.
Член 20
(1) На малолетен посвоеник - државјанин на Република Македонија во случај на потполно посвојување кога посвоителите се странски државјани, државјанството на Република Македонија ќе му престане со отпуст на барање на посвоителите.
(2) Ако посвоеникот наполнил 15 години живот за престанок на државјанството, во смисла на став 1 на овој член, потребна е и согласност на посвоеникот.
IV. НАДЛЕЖЕН ДРЖАВЕН ОРГАН ЗА РЕШАВАЊЕ, ВОДЕЊЕ НА ЕВИДЕНЦИЈА И ДОКАЖУВАЊЕ НА ДРЖАВЈАНСТВОТО
НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Член 21
(1) Барање за стекнување, престанување или утврдување на државјанство на Република Македонија се поднесува до Министерството за внатрешни работи според живеалиштето на лицето или ако лицето живее во странство, до дипломатско-конзуларното претставништво на Република Македонија во странство.
(2) Решение за стекнување, престанување или утврдување на државјанството на Република Македонија, донесува Министерството за внатрешни работи.
(3) Решението од став 2 на овој член се доставува според прописите за задолжително лично доставување.
(4) Против решението од став 2 на овој член барателот може да поведе управен спор пред Управниот суд.
Член 22
(1) Евиденција за државјаните на Република Македонија и за странските државјани кои се родени на територијата на Република Македонија се води во Министерството за внатрешни работи.
(2) Евиденција за стекнување и престанок на државјанство на Република Македонија води Министерството за внатрешни работи.
(3) Евиденциите од ставот 1 на овој член ги содржат следниве податоци и тоа:
- реден број,
- презиме,
- име на еден од родителите и име,
- место и датум на раѓање,
- единствен матичен број,
- адреса и место на живеење,
- основ и датум на запишување во регистар,
- основ и датум на бришење од евиденција и
- забелешка.
(4) Евиденцијата од ставот 2 на овој член ги содржи следниве податоци и тоа:
- реден број,
- име, презиме и име на еден од родителите,
- датум и место на раѓање,
- живеалиште,
- националност,
- пол,
- возрасна група,
- поранешно државјанство, односно државјанство со кое се стекнува и
- назив, број и датум на решението и датум на врачување на решението и
- забелешка.
(5) Евиденциите од ставовите 1 и 2 на овој член се водат според пропишани стандарди и согласно со Законот за општата управна постапка.
Член 23
(1) Државјанството на Република Македонија се докажува со важечка лична карта или патна исправа.
(2) Државјанството на Република Македонија се докажува и со уверение за државјанство на Република Македонија кое врз основа на евиденцијата во смисла на член 22 став 1 од овој закон го издава Министерството за внатрешни работи.
(3) Државјанинот на Република Македонија има право да поднесе приговор против уверението од ставот 2 на овој член до организациската единица во Министерството за внатрешни работи во чиј делокруг е издавање на уверението во рок од 15 дена од денот на приемот на уверението.
(4) По приговорот од ставот 3 на овој член одлучува раководителот на непосредно повисоката организациска единица во Министерството за внатрешни работи во чиј делокруг е да одлучува по приговорот во рок од 15 дена од денот на приемот на приговорот.
Член 24
Ако лицето не е запишано во евиденцијата за државјани на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи ќе го утврди државјанството на Република Македонија и податокот за тоа дополнително ќе се запише во евиденцијата на државјаните на Република Македонија. Доколку раѓањето на лицето не е запишано, податокот за раѓањето и за
државјанството ќе се запише истовремено согласно со одредбите на Законот за матичната евиденција.
Член 25
За стекнување, односно престанување на државјанството на Република Македонија, се известуваат надлежните државни органи и организации кои го евидентираат податокот за државјанството во евиденциите за кои со закон се овластени да ги водат.
IV-a. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ
Член 25-а
(1) Глоба во износ од 25 до 50 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на овластено службено лице од Министерството за внатрешни работи ако не ги побара доказите и податоците по службена должност во рокот утврден во членовите 7 став 6 и 17 став 5 од овој закон.
(2) Глоба во износ од 25 до 50 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на овластеното службено лице од надлежниот јавен орган од кој се побарани доказите и податоците ако не ги достави бараните докази и податоци во рокот утврден во членовите 7 став 7 и 17 став 6 од овој закон.
Член 25-б
За прекршоците утврдени во членот 25-а од овој закон, прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува надлежен суд.
V. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 26
(1) Како државјанин на Република Македонија, во смисла на овој закон, се смета лицето кое според досегашните прописи имало државјанство на Република Македонија.
(2) Постапките за стекнување или престанување на државјанство на Република Македонија кои се започнати до влегувањето во сила на овој закон, ќе се завршат според одредбите на овој закон.
(3) Државјаните на другите републики во поранешната СФРЈ и државјаните на поранешна СФРЈ кои имаат пријавено живеалиште на територијата на Република Македонија, можат да стекнат државјанство на Република Македонија ако во рок од една година по влегувањето во сила на овој закон поднесат барање, доколку имаат постојан извор на средства, се полнолетни и до поднесувањето на барањето законски престојувале на територијата на Република Македонија, најмалку 15 години.
Член 27
Министерот за внатрешни работи ќе донесе подзаконски прописи за водење на евиденцијата за државјаните на Република Македонија, за државјаните на Република Македонија кои живеат во странство, за образецот на барањето за стекнување државјанство на Република Македонија, за образецот на гаранцијата за прием во државјанство на Република Македонија и за образецот на заклетвата и за образецот на уверението за државјанство на Република Македонија.
Член 27-а
(член 13 од Законот објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 8/04)
Подзаконските прописи предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од шест месеци од денот на влегување во сила на Законот.
Член 27-б
(член 13 од Законот објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 8/04)
Со денот на почетокот на примената на овој закон, постапките за стекнување или престанување на државјанство на Република Македонија кои се започнати по Законот за државјанството на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 67/92) ќе продолжат според одредбите од овој закон.
Член 28
Одредбата од член 23 став 1 на овој закон ќе се применува по замената на личните карти и патните исправи издадени до влегувањето во сила на овој закон.
Член 29
Подзаконските прописи предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на Законот.
До донесувањето на прописите од став 1 на овој член ќе се применуваат досегашните прописи доколку не се во спротивност со одредбите на овој закон.
Член 30
Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за државјанството на Социјалистичка Република Македонија (“Службен весник на СРМ” број 19/77), а Законот за државјанството на СФРЈ (“Службен лист на СФРЈ” број 58/76) нема да се применува на територијата на Република Македонија.
Член 31
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
Член 32
(член 14 од Законот објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 8/04)
Државјаните на другите републики на поранешната СФРЈ и државјаните на поранешната СФРЈ кои на 8 септември 1991 година имале пријавено живеалиште, до поднесување на барањето постојано живеат на територијата на Република Македонија и имаат вистинска и ефективна врска со Република Македонија можат да стекнат државјанство на Република Македонија ако во рок од две години по влегувањето во сила на овој закон поднесат барање, доколку против нив не се води кривична постапка во Република Македонија, за кривични дела со кои се загрозува безбедноста и одбраната на Република Македонија и ги исполнува условите од член 7 став 1 точки 1 и 6 на овој закон.
Член 33
(член 2 од Законот објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 158/11)
Постапките започнати до денот на влегување во сила на овој закон ќе завршат согласно со Законот за државјанството на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 67/92, 8/04 и 98/08) до започнување на примената на Законот за основање на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка работен однос од втор степен.
Член 8
Започнатите постапки до денот на започнување на примената на овој закон ќе завршат согласно со законот по кој биле започнати.
Член 9
Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”, а ќе започне да се применува со започнувањето на примената на Законот за општата управна постапка согласно со членот 141 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ број)